Косовскиот вицепремиер Кучи го прогласи Тадиќ за „персона нон грата“

Косовскиот вицепремиер и министер за правда Хајредин Кучи.

Косовскиот вицепремиер и министер за правда Хајредин Кучи изјави дека во иднина Владата во Приштина нема да му дозволи влез на српскиот претседател Борис Тадиќ во Косово, поради неговите „политички изјави“ дадени во манастирот „Високи Дечани“ за време на чествувањето на Божик.

„Тадиќ ја злоупотреби посетата на манастирот „Високи Дечани“ за Божик и даваше политички изјави дека Косово е српска земја и дека Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово и нема намера да ги укине паралелните структури на северот“, изјави Кучи за приштинската телевизија „Клан“.

За време на престојот во манасторот „Високи Дечани“, вчера и завчера, Тадиќ упати порака за мир до косовските Албанци и Срби и апелираше за компромисно решение на проблемите, но во одговори на новинарски прашања рече дека Србија некогаш нема да го признае Косово како незвисна држава и дека Белград нема намера да ги укине своите државни институции во Косово.