Ахмадинеџад во петдневна турнеја во Латинска Америка

Архивска фотографија: Претседателите на Иран и на Венецуела, Махмуд Ахмадинеџад и Уго Чавез во Каракас во 2009 година.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад тргна во петдневна турнеја во Латинска Америка. Во рамки на турнејата тој ќе ги посети Венецуела, Никарагва, Куба и Еквадор – земјите што „се спротивставуваат на угнетувањето“ од САД и ги делат „антиколонијалистичките гледишта“, рече Ахмадинеџад пред заминувањето.

Се очекуваат нови политички и економски договори меѓу Иран и Венецуела.

Во Никарагва, Ахмадинеџад ќе присуствува на инаугурацијата на реизбраниот претседател Даниел Ортега.

Пред почетокот на турнејата, САД ги повикаа јужноамериканските држави да не ги зајакнуваат односите со Иран. Стејт департментот соопшти дека иранскиот режим се соочува со зголемен меѓународен притисок вклучително и со санкции поради контроверзната нуклеарна програма, и оти Иран е „очаен за пријатели“.