Државниот врв ќе се координира пред средбата со Нимиц

Претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на 5 декември 2011 година во кабинетот на Претседателот дискутираат за пресудата во Хаг.

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска, во пресрет на претстојната рунда на разговори со амбасадорот Метју Нимиц, свика координација на државниот врв за текот на разговорите за надминување на спорот за името, што се водат под покровителство на ОН.

На координативниот состанок ќе присуствуваат претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Муса Џафери и министерот за надворешни работи Никола Попоски, соопшти Кабинетот на претседателот на државата.

На почетокот на годинава, специјалниот посредник на Обединетите нации во решавањето на спорот за името помеѓу Македонија Грција Метју Нимиц ги покани на средба на 16 и на 17 јануари претставниците на двете страни во разговорите, амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис. Двете страни ја прифатија поканата на Нимиц.

Амбасадорот Нимиц, како што беше соопштено, првично ќе се сретне поединечно со секој од претставниците и ќе се обиде да изнајде заеднички прифатлив пристап да им се даде нов импулс на разговорите и да се направи значаен прогрес кон решавање на спророт со името.