Италијанскиот претседател изрази сочувство за смртта на Глигоров

Претседателот на Италија Џорџо Наполитано упати телеграма со сочувство по повод смртта на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров.

„Со силна болка ја примив веста за големата жалост која ја погоди Република Македонија, со смртта на првиот претседател, Киро Глигоров. Во духот на големото и искрено пријателство кое ги поврзува нашите земји, и во сеќавање на заложбата на Киро Глигоров како прв претседател на независна Македонија - која тој успеа да ја одржи далеку од ужасното насилство кое се разви во поранешна Југославија, ве молам да ги примите, во мое лично име и во име на целиот италијански народ, изразите на најискрено сочуство“, се вели во телеграмата што денеска ja објави Амбасадата на Италија во Скопје.