Мубарак бил вистинскиот поттикнувач на убивањето цивили на протестите

Поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак на судењето е во болнички кревет.

Обвинителите во случајот против поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак рекоа дека утврдиле оти соборениот претседател, неговиот шеф за безбедност и шестмина високи полициски функционери биле „вистинските поттикнувачи“ на убивањето на повеќе од 800 демонстранти за време на минатогодишните протести што доведоа до соборување на режимот.

Обвинетите се соочуваат со смртна казна ако бидат прогласени за виновни.

Главниот обвинител Мустафа Сулејман, на денешното сослушување, рече дека обвинетите јасно одобриле употреба на боева муниција и дале наредба „да се пука за да се убие“ против мирните демонстранти. Тој рече дека обвинителството спровело сопствена истрага при што сослушало стотици сведоци, доктори и полицајци, откако безбедносните власти ги игнорирале нивните барање за помош во истрагата.