Критики за Иран поради новите ракетни проби

Официјални претставници на САД, Израел и на Франција синоќа го критикуваа Иран поради најновите проби на ракети со среден дострел за време на воените вежби во Ормушкиот теснец во Персисикиот залив. Иранските власти претходно соопштија дека вчера, на последниот ден од десетдневните вежби успешно тестирале уште три ракетни проектили земја-вода.
Портпаролот на француското министерство за надворешни работи Бернар Валеро изјави дека Париз жали поради многу лошите сигнали кои иранските власти ги испраќаат до меѓународната заедница со последните воени вежби. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак истакна дека вежбите се изведуваат со намера да се заплаши меѓународната јавност за да се откаже од санкции спрема Иран. Американскиот претседател Барак Обама, пак, како одговор на воените маневри, вчера потпиша указ со кој се предвидуваат нови казнени мерки против Централната банка на Иран.