28 препиле, еден прејал

Труење со алкохол, убоди од нож, повреди со огнено оружје. Ноќеска дежурните медицински екипи ималe доста работа. Од Ургентниот хируршки центар во Скопје соопштија дека примиле педесет и четири пациенти во текот на новогодишната ноќ. Од таму велат дека најголемиот дел од примените биле повредени од огненострелно оружје, потоа со експлозивни направи и убоди со нож. Дел од примените пациенти се во критична состојба, но никој не е во живатна опасност, изјави специјалист трауматолог Андреја Гавриловски.

На Клиниката за токсикологија за време на новогодишната ноќ се прегледани 52 пациенти од кои 34 се мажи и 18 се жени, информира денеска директорот Андон Чибишев.

„Од нив 28 се алкохолни труења, од нив 22 се машки и шест девојчиња. Просекот на возраста на алкохолните труења е 17 години и за жал многу ниска. Оваа година повторно се повтори праксата, дежурната екипа интервенирала кај едно девојче кое имало помалку од 14 години, било во тешка состојба, задржано е до утринските часови на Клиниката и за среќа се завршило како што треба и тоа е пуштено на домашно лекување“, рече Чибишев.

Освен труења со алкохол имало и две труења со јаглероден моноксид заради неисправни уреди за греење, една предозирана со канабис и едно воспаление на панкреас заради консумирање на поголема количина на храна, информира Чибишев.