Груевски - Правиме максимални напори да се реши спорот за името

Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски.

Владата прави максимални напори во рамки на своите можности да се изнајде решение со кое ќе се надмине спорот со Грција, рече премиерот Никола Груевски, одговарајќи на пратеничкото прашање кога ќе се реши прашањето за името со цел земјата да се интегрира во ЕУ и НАТО.

На денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, вообичаено за секој последен четврток од месецот, премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да работи во истиот правец, со сите сили и потребни инструменти.

„Во минатиот период преку различни форми, преку формата на ОН, медијаторот Метју Нимиц и преговарачите и преку директни средби со претставници од другата страна, остваривме многу средби и контакти, обиди да се надмине прашањето и да се реши спорот. За жал, не дојде до тоа, иако имаше многу напори и обиди од наша страна. Жалам што во последните 6-7 месеци од другата страна имаме игнорантски однос во однос на нашите напори. На почетокот тоа беше брането како ситуација која произлегува од финансиската криза во Грција, но во последниот период имаме отворени изјави од нивниот премиер оти тој не чувствува дека прашањето за името е во негов мандат“, рече Груевски.

Тој рече дека очекува од сите страни да ја почитуваат одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.