Аиво Орав - нов амбасадор на Европската Унија во Македонија

Естонецот Аиво Орав е новиот амбасадор на Европската унија во Македонија, соопшти Кетрин Ештон, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Орав треба да го замени амбасадорот Питер Соренсен кој само по три месеци минати во Скопје на 1 септември годинава беше назначен за специјален претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина. Новиот ЕУ амбасадор во Скопје треба да пристигне на крајот на идниот месец. Дипломатот од кариера, роден пред 46 години во Талин, во моментов е естонски амбасадор во Турција од каде што ја покрива и Македонија и три блискоисточни земји.