Хавел - Поддржувач на белоруската опозиција

Фотографија на Вацлав Хавел и свеќи на споменикот на Св. Вацлав во центарот на Прага.

Во едно од последните писма пред смртта, поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел изразува солидарност со политичките затвореници во Белорусија. Пораката на Хавел, напишана три дена пред смртта, е адресирана до затворените претседателски кандидати Андреј Саникау и Микалај Статкевич, како и до други опозиционери затворени по протестите против претседателските избори од 19 декември 2010 година. Во писмото, Хавел пишува:

„Ќе продолжам да ја користам секоја можност во иднина, заедно со моите пријатели, да го привлечам вниманието на меѓународната заедница за прекршувањето на основните граѓански права во Белорусија.“

Писмото му беше предадено на белорускиот сервис на Радио Слободна Европа денеска на годишнината од спорните избори во Белорусија.

Хавел често зборуваше против задушувањето на пост-изборниот протест во Белорусија и беше долгогодишен поборник за човекови права и поголеми политички слободи во таа земја.