Сто илјади новогодишни честитки за Готовина и за Маркач?

Генералите Младен Маркач и Анте Готовина сликани на Велебит во 1998 година.

Хрватскиот светски конгрес ги повика Хрватите да ја изразат својата поддршка за генералите Анте Готовина и Младен Маркач, осудени за воени злостроства од Меѓународниот трибунал за воени злостроства во поранешна Југославија, со испраќање 100.000 картички со добри желби за Божиќ и Нова година, објави агенцијата Хина.

За да им ја олесни задачата, Хрватскиот светски конгрес веќе ги отпечати картичките и ќе ги лиферува преку своите организации по места меѓу хрватската дијаспора, за да бидат испратени во затворот на Меѓународниот трибунал, каде двајцата генерали издржуваат долгогодишни затворски казни.

Во април годинава, Готовина и Маркач беа осудени на 24 и 18 години затвор за воени злосторства и злостроства против човештвото, извршени врз Срби во Хрватска на крајот од војната што траеше од 1991 до 1995 година.

Осудувањето на двајцата генерали е „неправда која ги навредува патриотската војна и достоинствените луѓе кои учествуваа во неа, за да ја заштитат својата татковина“, се наведува во соопштението на Хрватскиот светски конгрес.