Заврши повлекувањето на американската војска од Ирак

Конвојот американски возила во Кувајт.

Заврши повлекувањето на американската војска од Ирак. Последниот конвој од стотина оклопни возила со околу 500 американски војници ја помина ирачко-кувајтската граница и ја напушти земјата, соопшти американската армија.

САД извршија инвазија во Ирак во 2003 година во потрага по оружје за масовно уништување. Ирачкиот диктатор Садам Хусеин беше соборен, но не беше најдено оружје за масовно уништување.

Во војната што почна во март 2003 година загинаа околу 4.500 американски војници и повеќе од 100 илјади Ирачани.

Неколку стотини американски војници остануваат во Ирак да спроведуваат тренинг на ирачките сили и да ја обезбедуваат американската амбасада.