Иванов - Во Хаг извојувавме голема дипломатска и правна победа

Tрадиционално годишно обраќање претседателот Ѓорѓе Иванов во Собранието.

Македонија во Хаг извојува една голема дипломатска и правна победа, која значи потврдување на кредибилитетот на нашата надворешна политика, на нашето однесување во меѓународното општество. Вака го почна традиционалното годишно обраќање претседателот Ѓорѓе Иванов денеска во Собранието на Република Македонија пред претставниците на законодавната, извршната и судската власт, на верските заедници и на дипломатскиот кор. Пресудата, како што додаде, е најсилниот можен правен аргумент кој воопшто постои во денешниот развој на меѓународно-правниот поредок.

„Од таму, обврска и одговорност на меѓународната заедница е сега да преземе сè што е потребно за да се помести статус кво состојбата во однос на интеграциите на Република Македонија“, истакна Иванов.

Тој посочи дека зачленувањето на ЕУ и НАТО остануваат стратешки цели на Македонија. Иванов упати порака и до Грција дека Македонија е реалност:

„Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме. Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат. Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија, во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат“, истакна Иванов.