Рускиот хуманитарен конвој во „клинч“ на косовската граница

Рускиот конвој од 25 камиони со околу 300 тони хуманитарна помош за косовските Срби е заглавен на границата меѓу Косово и Србија. Царинските службеници на ЕУ го запреа конвојот доцна во вторникот кога се обиде да влезе во Косово преку спорниот граничен премин Јариње.

Рускиот амбасадор во Белград Александар Конузин го посети Јариње и оцени дека конвојот е блокиран од политички причини. Конузин обвини дека мисијата на ЕУ ги уценува Русија и Србите, наметнувајќи им услови што не може да ги прифатат.

ЕУЛЕКС соопшти дека конвојот мора, или да прифати придружба на ЕУЛЕКС, што ќе значи дека Србите треба да ги тргнат блокадите за да поминат полицајците на европската мисија, или, пак, конвојот да влезе во Косово преку друг граничен премин, кој во целост е контролиран од Приштина.