Маљас - Грција да се повлече од Времената спогодба

Александрос Маљас.

Грција треба да се повлече од Времената спогодба, бидејќи таа веќе не ги штити грчките интереси, оценува поранешниот шеф на грчката канцеларија за врски во Скопје и долгогодишен дипломат Александрос Маљас. Toa, додава тој во интервју за „Атенс Њус“, треба да биде грчкиот одговор на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој ги отфрли сите аргументи на Грција.

„Судењето ги ослабе еден по еден, сите грчки аргументи во однос на нашите односи со ПЈРМ, интерпретирајќи ги во негативна конотација сите клучни клаузули од Времената спогодба вклучувајќи ги оние вметнати во нацрт-договорот за време на преговорите Венс - Овен на грчко инсистирање“, вели Маљас посочувајќи на ограничувањата во однос на евентуални македонски барања за терирории, непријателска пропаганда и против присвојување на културното наследство.

Тој смета дека вината за отфрлањето на грчите аргументи во Хаг треба да се бара и во одбраната на правниот тим од неговата земја. Воедно, предупредува дека Грција не смее да ја потценува одлуката на МСП, како што вели, исто како што би било погрешно за Скопје да го прецени нејзиното значење. Верува дека Атина мора да ја преразгледа својата стратегија оти, одлуката ги зема во предвид речиси сите барања на македонската страна.

„Спогодбата веќе не им служи на целите за кои беше создадена. Интересите на Грција не се заштитени и затоа треба да го информираме Скопје дека ќе се повлечеме од неа веднаш, уште од денеска“, вели Маљас.

Смета дека Грција многу порано требала да поднесе тужба пред МСП против Македонија за кршење на Времената спогодба, за што лично првпат се залагал уште во 2007 година, со што, според него, работите ќе имале поинаков тек.