СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за предвидените кули кај Бристол

Скопје.

Опозицискиот СДСМ најави дека наредната недела ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на Деталниот урбанистички план - Роберт Гајдиќ во Центар, со кој се предвидува изградба на висококатници спроти хотелот Бристол во Скопје. СДСМ смета дека со изградбата на нови кули во Центар дополнително ќе се задуши сообраќајот во градот, што граѓаните „ќе ги чини здравје, нерви, време и повеќе пари за бензин“.

„Веруваме дека низ правна процедура ќе спречиме овде да никнат купишта бетон за сметка на зеленилото“, изјави претседателот на Општинската организација на СДСМ Центар, Мирослав Шиповиќ.

Тој рече дека власта нема право да оди спротивно на интересите на граѓаните и дополнително да придонесува за зголемувањето на загаденоста на воздухот во Скопјe.

Портпаролот на Општина Центар Јовица Ацковски одговори дека најавата за иницијатива за оспорување на уставноста на донесувањето на ДУП-от е само „уште еден евтин популизам“ на СДСМ.

„Општина Центар при донесување на измените и дополнувањата на деталниот урбанистички план „Градска четврт голем ринг јужен дел - исток“, постапи согласно законските одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање и истиот има добиено позитивно мислење од сите надлежните институции по тоа прашање“, изјави Ацковски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, возврати дека не е нормално политичка партија да се спротивставува на градење.

„СДСМ се противи на изградба, затоа што кога се гради се гледа разликата. Во време на СДСМ не се градеше ништо, во време на ВМРО-ДПМНЕ масовно се гради и се реконструира“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие наведуваат дека СДСМ само бара начини да ги блокира проектите за изградба и реконструкција на градот.