Осум банки се вклучија во проектот „Купи куќа, купи стан“

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

НЛБ Тутунска, Стопанска, Охридска, ТТК, Шпаркасе, Алфа, Прокредит и Стопанска банка- Битола се осумте банки преку кои граѓаните од идниот месец ќе можат да поднесуваат барања за кредити што ќе бидат субвенционирани со владиниот проект „Купи куќа, купи стан“.

Сите осум банки кои се јавија на повикот, како што изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, доставиле понуди во рамки на предвидените услови, 4,99 отсто каматна стапка во првите три години и до 5,5 проценти во четвртата и петтата година.

„Кон крајот на јануари 2012 се очекува да почнат со доставување барања, по што ќе следи нивно разгледување и одобрување, а до крајот на март 2012 се очекува и потпишувањето на првите договори за станбени кредити финансирани со владиниот проект“, рече Ставрески.

Субвенционирањето ќе биде на два начина, едниот со половина од месечната рата во првите пет години од отплатата, а вториот со половина од учеството потребно за добивање на кредитот.