Карзаи се врати во Кабул по вчерашниот напад

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи во посета на повредените во болница во Кабул.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи го прекина патувањето во Европа и се врати во Кабул по вчерашниот голем напад врз шиитски храм во градот во кој загинаа 55 луѓе, а повеќе од 160 се повредени. По посетата на повредените во болница, Карзаи рече дека ќе го отвори прашањето за нападот со пакистанските власти.

До нападот дојде кога пред храмот експлодираше бомба во моментот кога верниците со собираа на прослава на шиитскиот фестивал Ашура. Во речиси истовремен друг напад во градот Мазар-и-Шариф загинаа најмалку четири луѓе. Пакистанската организација Лашкар-е-Џангви ја презеде одговорноста за нападот.

Тоа е прв голем напад врз шиитското малцинство во Авганистан во изминативе неколку години.