Меркел и Саркози бараат автоматски казни за буџетска недисциплина

Лидерите на Германија и на Франција, Ангела Меркел и Николас Саркози денеска се сретнаа во Париз.

Лидерите на Франција и на Германија, Николас Саркози и Ангела Меркел, повикаа на донесување нов договор на ЕУ за да се спречи повторување на актуелната должничка криза во еврозоната. По средбата со германската канцеларка Меркел во Париз, Саркози рече дека новиот договор треба да предвидува автоматски санкции за државите што ќе ги прекршат правилата, за да ги натера владите да го држат буџетскиот дефицит под 3 отсто.

„Бараме да има авоматски санкции за прекршување на правилото за дефицит до 3 отсто. И бараме, само квалификувано мнозинство да може да го оспори тоа. Тоа е спротивно на она што се случува денес“, рече Саркози.

Тој рече дека Франција и Германија преферираат на договорот да се согласат сите 27 земји членки на ЕУ. Сепак договорот ќе го прифатат 17-те земји од еврозоната, а другите ќе може да пристапат на доброволна основа.

Саркози соопшти дека француско-германскиот предлог ќе биде образложен во писмо до претседателот на ЕУ Херман Ван Ромпуј во среда, ден пред одржувањето на состанокот на европскиот совет.