Уставни измени за Каримов да остане претседател на Узбекистан

Претседателот на Узбекистан Ислам Каримов.

Узбекистанскиот Сенат, односно Горниот дом на Парламентот, донесе закон со кој се намалува мандатот на претседателот – од седум на пет години. Граѓаните на референдум во 2002 година одобрија зголемување на претседателскиот мандат на седум години. Претседателот Ислам Каримов од тогаш е избран еднаш во 2007 година.

Има сомневања дека Каримов, кој го предложи скратувањето на мандатот на 5 години, ќе го искористи амандманот со кој ќе добие право на уште два мандати. Долниот дом на парламентот веќе го усвои амандманот и сега се чека само на потписот на Каримов.

Според Уставот, претседателот има право да биде на функцијата само два мандати. Сепак, ова е трет мандат на 73-годишниот Каримов, кој два пати си го зголемуваше мандатот преку референдум.