На изборниот ден уапсен лидер на нерегистрирана партија во Русија

Сергеј Удалцов, лидер на нерегистрираната Партија на левиот фронт.

Опозицискиот лидер Сергеј Удалцов е уапсен од униформирани полицајци во Москва додека одел на протест за повик на бојкот на денешните избори за државната Дума. Неговата сопруга Анастасија Удалцова, која е и портпарол на неговата нерегистрирана Партија на левиот фронт, изјави дека тој бил уапсен пред да пристигне на протестот пред Кремљ. Удалцова раскажува дека униформирани полицајци го внесле нејзиниот сопруг во автомобил без регистарски таблички и го одвеле на непозната локација.

Полицијата го потврди апсењето на Удалцов.

На протестите на Црвениот плоштад биле уапсени десетина активисти на Партијата на левиот фронт кои носеле транспаренти на кои пишувало дека денешните избори се нелигитимни зашто на некои партии не им било дозволено да се регистрираат. Удалцова била меѓу уапсените на Црвениот плоштад, но подоцна била ослободена.

Сергеј Удалцов вчера изјави дека полицијата се обидува да ги уапси активистите на неговата партија под лажни обвиненија.