Затворот за Бошкоски – Политика или борба против криминал?

Опозицискиот СДСМ реагира дека осудувањето на претседателот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски на седум години затвор е изживување врз политичките неистомисленици.

„Ова ги надминува и најцрните диктаторски режими во светската историја. Македонија со Груевски е единствената држава во Европа каде постојат политички затвореници“, изјави потпретседателката на СДСМ Ана Павловска Данева.

На ова реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според која, СДСМ треба да разбере дека Љубе Бошкоски не е политички затворен туку е изведен пред суд за сторен криминал. Според нив законите важат за сите подеднакво.

„Ако некој излегува во јавноста со политички ставови, не значи дека е политичар додека не добие легитимитет од народот. А уште помалку дека може да прави незаконски работи и да се крие зад политиката“, се наведува во соопштението од владејачката партија.