Претседателот на Полска бара ослободување на Тимошенко

Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко во затвор во Киев.

Претседателот на Полска Бронислав Коморовски ги повика украинските власти да ја ослободат поранешната премиерка Јулија Тимошенко од затвор. При денешната посета на Киев, тој рече дека тоа што Тимошенко останува во затвор ќе им наштети на шансите на Украина за пристап кон ЕУ и ги повика властите да донесат законски измени што ќе овозможат ослободување на Тимошенко.

Претседателот на Украина Виктор Јанукович вети дека Тимошенко, која има проблеми со здравјето, ќе има пристап до лекување и медицинска помош.

Поранешната украинска премиерка минатиот месец беше осудена на седум години затвор, поради злоупотреба на функцијата. САД и Европската унија го окарактеризираа овој случај како политички мотивиран.