Иванов - Ќе почитуваме секаква одлука на Хашкиот суд

Архивска фотографија: Претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов не сака да ги коментира написите што се појавија во грчките медиуми во врска со одлуката на Судот во Хаг за македонската тужба против Грција за прекршување на Времената спогодба со ветото за членство во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година.

„Во принцип, до објавувањето на пресудата не се коментира. Сите досегашни коментари што се појавија во грчките медиуми можеме да ги сметаме како шпекулации и начин како да се врши притисок. Ние чекаме да се донесе пресудата. Каква и да биде ќе ја почитуваме како држава“, изјави претседателот Иванов.