Дипломатска војна меѓу Иран и Велика Британија

Архивска фотографија: Ирански демонстранти палат британско знаме.

Одлуката на иранскиот парламент за намалување на дипломатските односи со Велика Британија е „за жалење“ и „ако иранската влада ја спроведе, ние ќе возвратиме силно во консултации со нашите меѓународни партнери“, се наведува во соопштението од британскиот Форин офис.

Иранскиот парламент го изгласа нацрт-законот со кој се бара намалување на нивото на дипломатски и економски односи со Британија, како противмерка на британската одлука за зајакнување на санкциите против Иран. За донесување на законот гласале 179 пратеници во 290-члениот парламент, четворица биле против, а 11 воздржани.

Според законот, владата има рок од две недели да го протера британскиот амбасадор од Техеран кој беше назначен пред два месеци, а амбасадата да ја води вршител на должност.

За да стапи во сила, законот мора да биде одобрен од иранскиот Совет на чувари на уставот.

Законот беше предложен пред четири дена откако Велика Британија, САД и Канада координирано донесоа одлука за наметнување построги санкции кон Иран поради нуклеарната програма на Техеран. Одлуката за санкции дојде откако Меѓународната агенција за атомска енергија објави извештај во кој се наведува оти има сериозни индиции дека Иран работи на развој на нуклеарно оружје. Иран тврди дека нуклеарната програма е цивилна.