Привремено решен проблемот со автобускиот превоз во Битола

Штрајк на автобуските превозници во Битола на 22 ноември 2011 година.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески и претставници на 11 фирми-автопревозници кои вршат јавен автобуски превоз на сите градски и приградски линии, денеска на прес-конференција соопштија дека постигнале договор за бесплатен превоз на учениците.

„Според договорот, локалната самоуправа на автопревозниците ќе им обезбеди гориво за непречен превоз, а посебна комисија од мешан состав ќе го преиспита начинот-формулата за исплата на фактурираните обврски на општината кон автопревозниците“, рече Талески.

Според него, ова решение гарантира превоз на учениците до крајот на ова полугодие. Тој вели дека Министерствата редовно го исплаќаат финансискиот дел предвиден за општината, но тие средства се недоволни за објективните потреби и затоа треба корекција на формулата.

„Ние во моментов добиваме само 12 отсто од потребните средства за реализација на бесплатниот автобуски превоз“, додаде Талески.

На средбата со новинарите во Битола, претставникот на автопревозниците Сашо Владимировски рече дека го прифаќаат понуденото компромисно решение и очекуваат до почетокот на второто полугодие проблемот со организираниот бесплатен автобуски превоз за учениците да биде целосно решен.