Гечевски потпиша за МЗТ Скопје Аеродром

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Тодор Гечевски.

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Тодор Гечевски денеска потпиша за МЗТ Скопје Аеродром, клуб кој има шампионски амбиции оваа сезона. Со доаѓањето на Гечевски, екипата од „Јане Сандански“ доби репрезентативен тандем под кошевите, бидејќи од почетокот на сезоната клубот се засили и со Ѓорѓи Чековски.

Кавадарчанецот пред три месеци, за време на Европското првенство во Литванија ја повреди раката и од тогаш нема настапувано на кошаркарски натпревар. Повредата му е санирана и тој веќе почнал со индивидуални тренинзи. Во зависност од подготвеноста се очекува негов настап веќе на следниот дуел кој МЗТ Скопје Аеродром го игра в недела против Торус.

Тодор Гечевски во својата кариера веќе има настапувано за МЗТ Скопје (сезона 2000/01), а играл и во Тиквеш, Работнички, Николферт, Ер Авелино, Бранд Хаген, Задар и Паок.