Поддржувачите на Ал Асад напаѓаат „пријателски“ амбасади во Сирија

Сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Официјален Ријад го осуди нападот врз саудиската амбасада во Сирија, што беше нападната од поддржувачи на претседателот Башар Ал Асад. Нападнати беа и амбасадите на Катар и на Турција.

Илјадници луѓе се собраа во центарот на Дамаск во знак на протест на одлуката на Арапската лига да ја суспендира Сирија и да воведе санкции, откако не успеа да стави крај на крвавото задушување на опозициските протести од страна на владата.

Одлуката на оваа вообичаено интертна организација ја зголеми изолацијата на Сирија, дури и од нејзините поранешни сојузници и наиде на меѓународно одобрување. Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун оцени дека тоа е „силна и храбра“ одлука. Американскиот претседател Барак Обама, ЕУ, Франција и Велика Британија, исто така го поздравија овој чекор.

Арапската лига соопшти дека ќе наметне економски и политички санкции против режимот на Башар Ал Асад и ги повика земјите-членки да ги повлечат нивните амбасадори од Дамаск, откако Сирија не го испочитува мировниот план на лигата за окончување на насилствата во земјата.

Организацијата Сириска опсерваторија за човекови права соопшти дека вчера загинале 21 луѓе, од кои деветмина се припадници на безбедносните сили, во судирите меѓу војската и демонстрантите во земјата.

ОН проценуваат дека од почнувањето на немирите во Сирија во март годинава досега загинале околу 3.500 луѓе.