Берлускони го преживеа денешното гласање, но не освои мнозинство

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони.

Владата на италијанскиот премиер Силвио Берлускони денеска доби на клучното гласање за јавните сметки во парламентот, но не успеа да освои целосно мнозинство од 316 гласови, што веројатно ќе го зголеми притисокот за оставка на Берлускони. Гласањето за јавните сметки помина во парламентот со 308 гласови од 630 пратеници.

Одобрувањето на јавните сметки е предуслов за одобрување на каков било иден буџет.

Гласањето се случува во услови на голема загриженост поради огромниот италијански долг.

Берлускони вчера ги отфрли наводите дека планира да се повлече. Ваквите шпекулации се појавија, откако каматите на италијанските обврзници вчера пораснаа на највисоко ниво откако таа земја го користи еврото и скоро ја достигна границата од 7 проценти по која Ирска и Португалија беа принудени да побараат меѓународна помош.