Берзите бележат пад поради грчкиот референдум

Глобалните финансиски пазари бележат пад по соопштението на грчкиот премиер Јоргос Папандреу да распише референдум за пакетот финансиска помош за излез од должничката криза.
Лидерите од еврозоната минатата недела се договорија за вториот пакет од 130 милијарди евра и отпишување на 50 проценти од долговите на Грција.
Папандреу изјави дека му е потребна поширока политичка поддршка за реформите кои ги бараат странските кредитори.
Анкетите покажуваат дека 60 отсто од населението во Грција има негативен поглед кон спасувачкиот пакет.
Опозицискиот лидер во Грција Антонис Самарас референдумот го нарече „опортунистички експеримент“ и побара наместо тоа веднаш да се распишат избори.
Од кабинетот на францускиот претседател Никола Саркози е соопштено дека тој телефонски ќе разговара денеска со германската канцеларка Ангела Меркел.