Турција - спасувачките операции по земјотресот продолжуваат

Спасувачките операции и натаму се во тек по разурнувачкиот земјотрес во кој на југоистокот на Турција загинаа најмалку 366 лица, додека околу 1.300 се повредени.
Спасувачите се концентирани на местата Ван и Ерчис, каде се стравува дека стотици лица останале затрупани во трошните куќарки, кои исто така беа погодени од земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала, најсилниот во Турција во последната деценија.
Во земјотресот повеќе илјади луѓе останаа без домови и се присилени веќе втора вечер да ја минат под отворено небо, и покрај ладното време.
Организацијата на Црвената полумесечина обезбеди 500 шатори само за градот Ерчис, каде градскиот стадион е претворен во огромна полска болница.
Во спасувањето учествуваат 2.400 екипи од 45 градови, а во регионот се испратени 200 амбулантски возила , соопштија властите.