Хјуман рајтс воч бара истрага за убиствата во Сирт

Меѓународната организација Хјуман Рајтс Воч денеска побара од либиските власти да спроведат истрага за масовните убиства на десетици приврзаници на Моамер Гадафи. Во соопштението на организацијата е наведено дека минатата недела биле пронајдени тела на 53 луѓе со рацете врзани позади грб. Официјалните претставници се сомневаат дека убиените се поддржувачи на Гадафи и дека се убиени откако биле заробени. Организацијата бара од Националниот преоден совет да спроведе итна и транспарентна истрага за убиствата во градот Сирт. Покрај другото во соопштението е наведено дека на местото каде што е убиен Гадафи пронајдени се остатоци од тела на 95 луѓе.