Банките ќе треба да си ги прифатат загубите од грчкиот долг

Земјите членки на еврозоната денеска се согласија дека банките мора да ги прифатат зголемените загуби од грчкиот долг. Ова го соопшти премиерот на Луксембург Жан Клод Јункер кој претседава со еврозоната на вториот ден од состанокот во Брисел на министрите за финасии. Тој не соопшти колку ќе бидат во загуба банките со отпишување на долговите на Грција, при што се зголемува загриженоста за нивната стабилност и одржливост.
Во петокот министерите од еврозоната се согласија да ја пуштат следната транша од спасувачкиот пакет за Грција, за да се избегне банкрот на државата. Откако пакетот од 8 милијарди евра ќе биде одобрен и од Меѓународниот монетарен фонд тогаш Атина ќе го добие во средината на ноември.