Фудбал: познати победниците во квалификациите за ЕП

Пехарот за победникот на Европското првенство

Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа во Скопје играше нерешено 1:1 со Словачка, со што настапот во квалификациите за Европското првенство го заврши на петтото место во групата, само пред Андора. Словаците поведоа со голот на Пирошка во 54 минута, а изедначи Новески во 79-та. Во нашата група прва е Русија, со што обезбеди учество на првенството што ќе се игра идната година во Украина и во Полска, а втора е Ирска, која ќе игра во дополнителни бараж натпревари.
Покрај Русија, директен пласман за шампионатот на Европа обезбедија и Германија, Италија, Франција, Холандија, Грција, Англија, Данска и Шпанија како први во групите, како и Шведска која е најдобра второпласирана репрезентација во сите групи. Бараж натпревари ќе играат Босна и Херцеговина, Турција, Ирска, Естонија, Хрватска, Црна Гора, Португалија и Чешка.