Русија и Кина со вето за нацрт резолуцијата за Сирија

САД се навредени поради ветото на Русија и Кина во Советот за безбедност на ОН за нацрт-резолуцијата која содржеше закани за можни казнени мерки против сирискиот режим поради смртоносните воени операции врз антивладините демонстранти. Во синоќешното гласање текстот предложен од неколку европски земји, а поддржан од САД, доби девет гласа, Кина и Русија беа против, а четири земји беа воздржани. Пред гласањето рускиот амбасадор предупреди дека Советот има намера да воведе санкции спрема режимот на Башар ал Асад, иако нацрт- резолуцијата не го содржи зборот „санкции“, туку „можни мерки“ против Сирија. Американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс изјави дека нејзината влада е навредена, бидејќи кризата во Сирија е итен морален предизвик и растечка закана за регионалниот мир и безбедноста.