Воени вежби на турската армија на границата со Сирија

Камп за бегалци од Сирија во Турција

Турската армија денеска почнува воена вежба во округот Хатај во јужна Турција, во близина на границата со Сирија, која ќе трае до 13 октомври. Во округот Хатај засолниште најдоа над 7.000 сириски бегалци, побегнати од репресиите на сириските сили за безбедност, верни на претседателот Башар ал Асад. Воената вежба може да се совпадне со посетата на премиерот Реџеп Таип Ердоган на бегалскиот камп во Хатај, планирана за крајот на неделава.
Турција, која со години наназад имаше пријателски односи со Сирија, се дистанцира од режимот во Дамаск по неуспехот на нејзините дипломатски напори за итно запирање на репресиите врз демонстрантите во оваа земја. Анкара, која наметна ембарго за оружје кон Сирија, соопшти сека подготвува и дополнителни санкции против сирискиот режим.
Воената вежба во Хатај повторно може да ги заживее шпекулациите, досега демантирани од турски официјални претставници, дека Анкара планира да создаде тампон зона во Сирија, за да го заштити цивилното население и да го спречи напливот на бегалци кон Турција.