Турција ќе воведе санкции против Сирија

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека Анкара ќе воведе санкции против сирискиот режим. Тој при посетата на Јужна Африка изјави дека не може да остане набљудувач на сето она што се случува во Сирија и дека ќе воведе санкции кон неа до крајот на следната недела. Турција минатата недела сопре товарен брод, кој транспортира оружје за Сирија и Ердоган изјави дека истото ќе го направи со сите пратки со оружје за таа земја.
Претходно турската армија најави дека утре почнува воена вежба во округот Хатај, во јужна Турција, во близина на границата со Сирија. Во округот Хатај се сместени околу 7 илјади сириски бегалци од режимот на претседателот Башар Асад.