Хоџај: Приштина нема да води политички дијалог со Белград

Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај изјави дека косовските власти нема да водат политички дијалог со Белград. Тој додаде дека е почнат само технички дијалог и дека така ќе остане. .
Хоџај во интервју за приштински весник изјави дека повлекувањето на српската делегација од преговорите е „типичен доказ дека српската политика не се променила во однос на изминатите 20 години“. Тој ја повика Европската унија да употреби, како што вели, „поостар тон и да заземе поостар став во однос на опструктивното однесување на Србија во процесот на техничкиот дијалог“.
Во меѓувреме граничниот премин Јариње во северно Косово е отворен денеска претпладне за патнички сообраќај. ЕУЛЕКС и КФОР утрото ја отстраниле бодликавата жица со која преминот беше затворен од 14 септември.