Насилствата ги одложија разговорите меѓу Белград и Приштина

Од претходната рунда разговори Белград-Приштина

Шефот на српскиот тим во преговорите со Косово Борислав Стефановиќ доцна синоќа во Брисел разговараше со претставниците на ЕУ и на САД за кризата во северниот дел на Косово, односно за ситуацијата на граничните премини Јариње и Брњак. Разговорите на Стефановиќ со посредникот на ЕУ во преговорите меѓу Белград и Приштина Роберт Купер и со американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер ќе продолжат денеска претпладне. Стефановиќ пред разговорите во Брисел изјави дека дијалогот со Приштина се одлага се додека Србија не добие конкретни резултати од разговорите со меѓународните претставници. Апсолутно е невозможно да се разговара за телекомуникациите, електричната енергија и за регионалната соработка се додека се пука врз невооружени граѓани на северот на Косово, изјави Стефановиќ.
Инаку, четворица војници на КФОР и шестмина локални Срби се повредени во вчерашните инциденти меѓу силите на КФОР, кои се обидуват да ги отстранат барикадите во северниот дел на Косово, и локалните Срби кои се противат на тоа.