Палестинците им дадоа рок од две недели на ОН

Палестинците сакаат Советот за безбедност на Обединетите Нации да донесе одлука за нивната кандидатура за полноправно членство во организацијата во текот на следниве две недели. Ова денеска го изјави официјалниот претставник на Фатах движењето на претседателот Махмуд Абас, Азам Ал Ахмад.
Либанскиот амбасадор во Обединетите Нации Наваф Салам изјави денеска дека Советот за безбендост в понеделник ќе оддржи состанок на кој ќе се разговара за палестинското барање.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас вчера официјално му ја предаде апликацијата за полноправно членство на Палестина во Обединетите Нации на генералниот секретар Бан Ки Мун.
Тој во обраќањето до Генералното собрание изјави дека Израел одбива да преговара според меѓународните закони и продолжува да гради населби на окупираните територи.
Израел и Соединетите држави силно се противат на палестинскиот потег, а претседателот Барак Обама најави вето во Советот за безбедност на секој чекор што ќе води кон признавање на палестинската државност.