Попоски се сретна со Нимиц

Министерот за надворешни работи Никола Попоски синоќа во Њујорк се сретна со посредникот на ОН во македонско-грчките разговори за името Метју Нимиц. На средбата присуствувал и македонскиот преговарач амбасадорот Зоран Јолевски. Шефот на македонската дипломатија, како што јавува новинската агенција МИА, ја истакнал подготвеноста на Македонија за активно и конструктивно учество во разговорите за решавање на прашањето на името што се водат под покровителство на ОН.
Претходно Нимиц се сретна и со грчкиот министер за надворешни работи Ставрос Ламбринидис.Засега нема најава за евентуална средба меѓу министрите за надворешни работи Попоски и Ламбринидис.