Теута Арифи во дводневна работна посета на Брисел

Вице-премиерката, задолженa за европски прашања, Теута Арифи, денеска и утре престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе има средба со еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Посетата е во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во оваа година. Предвидено е Арифи во Европската комисија да има средби и со генералниот директор на Генералниот директорат Стефано Санино и со Александра Кас Грање, директор при Генералниот директорат на ЕК за проширување.
Во рамки на дводневната посета, во Европскиот парламент, Арифи ќе развовара со копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ Јоргос Шацимаркакис, како и со европратениците Ричард Ховит, кој е известувач за Република Македонија во Европарламентот и со Едуард Кукан известувач во сенка за Република Македонија.
Како што соопшти Секретаријаот за европски прашања, акцентот на разговорите треба да биде ставен на остварените обврски во процесот на европска интеграција, за перспективите на Република Македонија за членство во ЕУ, можностите за забрзување на тој процес, како и за актуелните состојби во државата.