Разговори за грчките потези за одбегнување на неуспехот

Грција денеска очекува продолжување на разговорите со Меѓународниот монетарен фонд и Европската унија на кои треба да биде оценето дали таа земја презела доволно потези за излез од должничката криза. Тоа, впрочем е условот за добивање на уште една транша од пакетот за помош на грчката економија. Министерот за финансии Евангелос Венизелос синоќа имал, како што оцени, продуктивни и содржински телефонски разговори со претставници на Унијата, на Европската централна банка и на ММФ. Грција се обидува да ги убеди дека ги постигнала целите за да добие 8 милијарди евра кои треба да ги искористи за плати, пензии и други државни трошоци во идниот месец. Берзите во Соединетите држави, Европа и Азија вчера забележаа падови поради загриженоста дека Грција нема да успее да се справи со кризата.