Македонија денеска ќе се бори за трето место

Македонија ја победи Литванија 67 - 65 во четвртфиналето на ЕП во кошарка во Литванија и обезбеди пласман во полуфиналето со Шпанија.

Македонската кошаркарска репрезентација денеска во 16:30 часот во Каунас, Литванија, ќе се бори за бронзен медал. Македонија ќе игра против Русија во натпревар за третото место на 37-то Европско првенство што се одржува во Литванија. Во досегашниот тек на Евробаскетот, Македонија постигна седум победи и три порази, а денешен ривал Русија има биланс од девет победи и еден пораз.

Македонија втор пат ќе игра денеска против руската репрезенатција. Првиот натпревар беше во осминафиналето кога изгуби од Русија со 63:61 откако Сергеј Мониа постигна тројка со звукот на сирената.

Селекторот Марин Докузовски изјави дека е свесен оти играчите се на крајот на силите, но како што вели , се договориле да дадат максимум на секој натпревар, па така и на овој во борба за бронзениот медал.
Последниот натпревар на ЕП во Литванија во Каунас арената ќе се одигра од 20 часот, а тоа е финалето меѓу бранителот на титулата Шпанија и Франција.

Со пласманот меѓу четирите најдобри репрезентации Македонија избори учество на квалификациите за Олимписките игри што ќе се одржат следната година во јули во Лондон.

Вчера се одиграа натпреварите за пласман. Во борбата за петто место - домаќинот Литванија ја победи Грција со 73:69, а во натпреварот за седмо место Словенија беше подобра од Србија со 72:68.