Повторно тензии на северот од Косово

Барикади на северот од Косово

Се зголемуваат тензиите во северниот дел на Косово, откако властите во Приштина, повторно го актуализираа воспоставувањето контрола на северниот дел од земјата.
Косовскиот премиер Хашим Тачи во интервју за Радио слободна Европа , рече дека неговата влада сака да се постават полициски и царински службеници на двата гранични премини на северот.

Српскиот претседател Борис Тадиќ, одговори дека таквиот потег може да предизвика насилство.Тој изјави дека спорните прашања треба да се решат во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. Тој ги повика меѓународните претставници да ја натераат Приштина да се откаже од плановите.
Тадиќ упати критики до меѓународните мисии на Косово дека ги поддржуваат плановите на Приштина, истакнувајќи дека „тие ќе бидат одговорни за последиците“.

Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, поднесе протестна нота до Генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун. Синоќа Србите на северот од Косово, го запреле конвојот на германските војници на НАТО кои се движеле кон границата. Србите во поделениот град Митровица поставиле барикади на патиштата, користејќи автобуси, карпи и камиони натоварени со камења. Руското Министерство за надворешни работи, исто така, изрази загриженост од намерата на Приштина, во која Москва гледа „насилни дејствија врз српското население на Косово со воспоставување контрола врз границата“.