Обама - Америка не му се предаде на стравот

Претседателот Обама, неговата сопруга Мишел и поранешниот претседател Џорџ Буш пред меморијалниот центар во Њујорк.

Америка останува силна и отпорна и не му се предаде на стравот, рече американскиот претседател Барак Обама во говорот што го одржа на церемонијата по повод десетгодишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година. Обама вчера ги посети сите три места на кои терористите од Ал Каеда нападнаа со киднапирани авиони – Њујорк, Пентагон и едно поле во Пенсилванија. Претседателот и неговата сопруга Мишел, на церемонијата во Њујорк што се одржа пред меморијалниот центар изграден на Граунд Зеро, односно на местото каде што се наоѓаа урнатите кули-близначки, беа придружувани од поранешниот претседател Џорџ Буш и неговата сопруга Лора. На 5-часовната церемонија во Њујорк беа прочитани имињата на сите(околу 3.000) загинати во нападите.