Либиските бунтовници стравуваат дека Гадафи побегнал

Либиските бунтовници стравуваат дека Моамер Гадафи можеби побегнал во Алжир, јавуваат новинските агенции. Според египетска новинска агенција шест возила, за кои бунтовниците сметаат дека превезувале либиски високи функционери, ја поминале границата и се упатиле кон Алжир. Агенцијата која се повикува на воени извори, јавува дека војници лојални на режимот ја придружувале колоната се до граничниот премин кон Алжир. Оваа инфомација се уште не е потврдена ниту од Либија ниту од Алжир. Во потрагата по Гадафи се приклучи и НАТО , а бизнисмен од редовите на либиските бунтовници понуди награда во вредност од 1,7 милиони долари за оној кој ќе помогне во негово апсење. Во меѓувреме бунтовниците соопштија дека ја презеле контролата и врз аеродромите со цел да спречат Гадафи да ја напушти земјата.