Продолжува расправата за составот на Советот за радиодифузија

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжува бурната расправа по Предлогот за избор на членови на Советот за радиодифузија. Согласно најновите законски измени донесени во јули годинава, бројот на членови во Советот за радиодифузија се зголемува од девет на 15. По двајца од шесте нови членови предлагаат претседателот на државата и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а по еден Комисијата за спречување на корупцијата и Комисијата за заштита од конкуренцијата.
Пратениците од парламентарното мнозинство вчера оценија дека кандидатите што треба да бидат нови членови во Советот за радиодифузија се компетентни за областа за која се предложени, а зголемувањето на бројот на членови ќе овозможи потранспаретна, поквалитетна и поефикасна работа на регулаторното тело.
Ставот на опозицијата, пак, е дека се врши партизација на регулаторното тело со цел власта да се пресмета со медиумите. За опозицијата е спорно и тоа што сите овластени институции ги доставиле предлозите во ист ден, што за нив не се водела поширока расправа, но и забележаа дека одредени предлози имаат судир на интереси.
Инаку, на дневен ред на осмата седница на Собранието се околу седумдесет точки.