Турски авиони и понатаму бомбардираат курдски цели во Ирак

Турската армија соопшти дека нејзините воени авиони бомбардирале 20 цели на курдските бунтовници во северен Ирак. Бомбардирањето трае веќе неколку дена. Генералштабот на турската армија на својата Интернет страница објави дека нападот во петокот бил поддржан од 85 круга од артилериски оган. Нападите започнаа во средата , неколку часа откако 8 војници и еден селски чувар беа убиени при заседа во близина на ирачката граница. На овие случувања им претходеа ескалација на нападите на бунтовниците од Курдската работничка партија во јули, при кои загинаа околу 40 турски војници. Сепаратистите ги користат планинските области на границата со Ирак како прибежиште по извршените напади во југоисточниот дел на Турција.