20 години од почетокот на крајот на СССР

Илјадници Московјани на 22 август 1991 година маршираат на Црвениот Плошад со огромно тробојно руско знаме, славејќи го неуспехот на државниот удар од тврдото крило на Комунистичката партија.

Денеска се одбележува 20-годишнината од неуспешниот државен удар што го предизвика распадот на Советскиот Сојуз. Тврдото крило на Комунистичката партија на 19 август 1991 година се обиде да го собори тогашниот претседател Михаил Горбачов, кој почна со перестројката во обид да го спаси еднопартискиот советски систем. Државниот удар беше спречен два дена подоцна, откако беше организиран народен отпор во кој беше вклучен и првиот претседател на постсовестка Русија, Борис Јелцин. На овој неуспешен државен удар се гледа како на процес што го забрза распадот на СССР кој се случи во декември истата година.